Малку татковци освоиле Грен Слем титули или го задржале првото место, а еден од нив е Роже Федерер. Тоа не им успеало на Род Лејвер, Џон Мекинро, Иван Лендл и Стефан Eдберг.
Светскиот тенисер број 1, Новак Ѓоковиќ минатата среда за прв пат стана татко, откако неговата сопруга Јелена го роди малиот Стефан. Во исто време, Србинот се наоѓа пред голем предизвик да го одбрани првото место на АТП листата од Роже Федерер кој годинава освои 5 турнири и сериозно го лови.
„Би сакал да бидам со син ми и жена ми секој ден, но понекогаш тоа не е можно. Тие нема да бидат со мене овде во Париз а потоа и во Лондон. Бебето е уште мало да патува, по што останаа во Монако. Не е лесно, затоа што ваквиот живот носи многу патувања, хотели, авиони и тоа не е паметна опција за новороденче. Во ваква ситуација многу пати бил и Федерер и се надевам дека ќе ми даде некој совет“, изјави Ѓоковиќ кој денес игра против Филип Колшрајбер.
Во пресрет на Мастерсот во Париз и турнирот на најдобрите во Лондон следниот месец, Ноле има 2.230 бода повеќе од Федерер, а до крајот на годината, Ѓоковиќ треба да брани 2.500 поени.
Швајцарецот може да се врати на тронот ако во наредните недели го освои Париз, а Ноле не стигне до финалето на истиот турнир. Федерер сезонава има 22 победи од 23 дуели, а го очекува и финалето од Дејвис купот со Швајцарија.
„Се надевам дека тоа што станав татко само позитивно ќе се одрази на мојата кариера. Кај мене ништо не е сменето, уште сум овде, ќе играм, ќе се борам и ќе се потрудам да останам број еден во светот“, заклучил Ноле пред почетокот на турнирот во Париз.
Роже Федерер утре од 12:00 игра против Французинот Шарди, Енди Мареј во исто време против Жулиен Бенето.