За разлика од другите тројца наши претставници во Лондон кои остварија резултати кои беа и за неколку секунди послаби од нивните можности, Ефремов на трката на 400 метри истрча со време 47 секунди и 92 стотинки со што тој го подобри својот личен рекорд за 34 стотинки.
Во неговото прво интервју по трката во Лондон, Кристиан ни најави уште подобри резултати во иднина.
По слабите резултати на другите олимпијци, медиумите и македонската јавност упатија многу критики кон целата делегација за начинот на кој е претставена Македонија на Олимписките игри во Лондон. Дали тоа претставуваше голем притисок за тебе пред твојата трка или ти донесе дополнителна мотивација за да го подобриш твојот личен рекорд?
- Чувствував одреден притисок пред трката поради суровите коментари и критики од новинарите кон останатите македонски олимпијци. Сепак, верував во себе и во мојот потенцијал и го дадов максимумот токму кога тоа беше најпотребно. Олимпискиот стадион беше преполн и атмосферата беше прекрасна, што дополнително ме мотивираше да дадам сè од себе. Одлично беше тоа што пред трката имав скоро 8 дена да се адаптирам на климатските услови во Лондон, а направив и одлични тренинзи.
Со оглед на тоа како се одвиваа твоите подготовки во однос на условите и минималната поддршка од надлежните институции, дали очекуваше дека ќе успееш да го истрчаш најдоброто време во твојата кариера?
- И покрај тоа што цела сезона тренирав на кејот на реката Вардар (дури и во снежни услови) и не добивав никаква спортска стипендија, оваа година ми е најуспешна. Во март го подобрив личниот рекорд во сала (49.88) и го освоив 25-тото место на Светското првенство во Истанбул. Во јуни истрчав 48.26 на Меѓународниот митинг во Софија, а подоцна учествував и на Европското првенство во Хелсинки, каде со резултат 48.80 го освоив 28-то место. Моите резултати бележеа нагорна линија, со тоа што врвот го достигнав токму во Лондон, со нов личен резултат 47.92. Со оглед на минималните услови кои ги имав изминативе 3 години, презадоволен сум од истрчаниот резултат во Лондон.
Што е следно? Дали уште од сега имаш планови за Олимписките игри во Рио 2016?
- По завршувањето на Олимписките игри планирам да се натпреварувам на уште 2-3 натпревари со цел да ги подобрам времињата на 200м. и 300м, со надеж дека ќе успеам да го соборам државниот рекорд на 200 метри кој изнесува 21.80. Потоа ќе следи мал одмор, па од октомври почнувам со тренинзи за следната сезона. Од олимписката норма, која изнесува 45.90, ме делат 2 секунди. Со многу подобри услови и напорна работа, убеден сум дека за 4 години ќе го остварам овој резултат и дека во Рио ќе настапам со олимписка норма, но и со надеж дека ќе се вбројам меѓу најдобрите 16 на планетата.