1.500 натпреварувачи на едно место од 102 држави и на крај светски првак е Македонија. Колку тоа убаво звучи. Заслугите одат кај Мери Акиевска поради која се вееше македонското знаме и грмеше македонската химна во Шпанија и тоа четири пати.
Да, Мери е светска шампионка во четири категории на Светското првенство во бодибилдинг и фитнес.
Се работи за 75-то Светско првенство кое од 3 до 8 ноември се одржи во Санта Сузана за мажи и жени, јуниори и сениори, на кое Акиевска бележи апсолутна доминација.
„Чувството не може да се опише, четири пати ечеше химната на Македонија, четири пати капеа солзи од среќа. Македонија го освои златото во јуниорска и во сениорска категорија со две апсолутни во двете категории. Луѓенца пресреќна сум, Ви благодарам на целосната поддршка. Сега можам да одморам и да си каснам и јас малку вкусна храна. Годинава ја завршивме со многу златни титули, благодарност на мојот тренер. Бобан Ѓороски. Најпривин покрај него бев најдобар ученик и шампион“, беа првите нејзини импресии.
Акиевска три години се подготвувала за ова Светско првенство. Имала секојдневни напорни тренинзи и долготрајни исцрпувачки диети. Рецептот за посакуваната форма го пронашла со откажување од богати софри, како и рано легнување и станување.
„Иако имаше најава за учество, не можевме да се натпреваруваме поради недостаток на финансии и корона ситуацијата. Оваа година ми помина во секојдневни подготовки за мојот настап на светската сцена. Вредеше, зашто ми се исполни сонот да застанам до врвни шампионки. Победата ја прославив со омилената храна, чоколади и помфрит кои ги пробав после долга строга диета. По неколку дена повторно се враќаме на стариот режим на исхрана за нови професионални успеси. Диетата е веќе секојдневие. Разликата е што за време на подготовките внесувам количински протеинска храна збогатена со протеински влакна и хидрати“ вели шампионката која е член на Магнус Фитнес клубот од Скопје.
Другиот наш преставник Петар Богдановски кој настапи во категоријата бодибилдинг јуниори над 75 кг, не успеа да се пласира во финалето.