Непријатниот момент се случил на аеродромот Брник во Љубљана, кога поради силен ветер авионот имал проблеми да слета. Драмата ја раскажа македонската снаа за црногорскиот весник vijesti.
„Беше хаос. Авионот тргна да слетува и почна да се клати. Прво сите помисливме дека можеби е само турбуленција бидејќи така изгледаше, но потоа ветерот почна да дува посилно за време на спуштањето. Многу од нас врискаа и тогаш почна да се издигнува“, вели Јованка Радичевиќ.
Репрезентативката на Црна Гора изјави дека во тие моменти на нивните повици не реагирала ниту стјуардесата која било целосно дезориентирана.
„Никој не ни се обраќаше, стјуардесата беше тотално збунета, а пилотот се јави дури 15 минути по ужасната сцена, рече дека сме биле под силен страничен ветер и дека ќе се обиде да стигне до пистата од другата страна. Верувајте, беше ужасно, дури и некои од нас кои не се плашта од летање помислија дека тоа е крај. На сите ни беше тешко, бевме очајни. Долго време не можев да дојдам на себе“, изјави крилото на Вардарки.
Натпреварот меѓу Крим и ЖРК Вардар се игра вечерва со почеток од 19 часот.