СП Катар 2015

Вугринец сака да игра во Рио на 41 година

По неуспешните обиди на РФМ да го ангажира Словенецот за ЕП 2014 година, Ренато Вугринец конечно доби зелено светло од ИХФ да го облече црвено-жолтиот дрес. Амбициите го водат до Рио Де Жанеиро.

Не е секојдневна ситуација спортист кој се приближува до 40. роденден да го смени државјанството и со голем ентузијазам да заигра за друга репрезентација, а претходно целата кариера да игра за својата татковина. Тој голем чекор минатата година го направи Ренато Вугринец, асот на РК Металург.
 
Десниот бек е роден во Целје 1975. година и за Словенија играше од 1996. до 2010. година и во тој период на 187 натпревари постигна 616 голови за „змајчеки“. Вугринец учествуваше и во освојувањето на единствениот медал на ЕП 2004. година, кога токму Словенија беше домаќин.
 
Последен пат за Словенија, Вугринец играше во 2010. година, а шест години порано ја освои ЛШ со Целје. Кога изгледаше дека завршил со неговата репрезентативна кариера, нашата ракометна федерација изрази желба Вугринец да заигра за нас уште на ЕП 2014. година, но ЕХФ го одби барањето на РФМ, под изговор дека Вугринец во тоа време не живеел постојано две години во Македонија.
 
Сепак, во март 2014. ИХФ даде дозвола и Вугринец и официјално стана македонски репрезентативец. Иако на истата позиција во нашата селекција игра неприкосновениот капитен Лазаров, Ренато Вугринец со своето искуство и ракометно знаење е од голема помош за нашата селекција. Во првите три кола, Вугринец даде пет голови, три против Иран и два против БиХ.