Македонија одигра далеку полош натпревар од првото коло против Словенија и со целосно потфрлување во сите сегменти од играта заслужено го загуби мечот со 28:24.
Речиси во ниту еден момент не заличивме на репрезентација која оди на победа. Се играше како во грч, многу стегнато и пред сè индивидуално, без вкрстувања и многу безидејно во напад.
За разлика од убавиот старт против Словенците кои ги водевме со 4:1, Македонија отвори лошо против Црна Гора, а на семафорот стоеше повторно резултат од 4:1, но овој пат не во наша полза.
Избраниците на Кире Лазаров делуваа дефокусирани, направија две брзи технички грешки, а Талески два пати не успеа да реализира.
И покрај доаѓањето на Никола Митревски кој синоќа допатува во Дебрецин после негативниот тест, сепак селекторот Лазаров на почеток се реши за Томовски кој бранеше одлично против Словенија.
Но денеска во последен момент останавме без Столе Стоилов кој доби негативен тест и отпадна за мечот.
Нашите делуваа некако отсутни и во првите 13 минути реализираа само три гола и тоа сите постигнати само од страна на еден играч, а тоа е Мартин Серафимов.
Лазаров го свика првиот тајм аут бидејќи негативата многу брзо стана непријатна и изнесуваше -5, а потоа помогна искуството на Миркуловски кој постигна два гола по ред, исто како и Кузмановски кои намалија на -3.
Македонија го подигна за нијанса нивото на играта, а се разбудија и другите репрезентативци, но тоа беше кратко. Разновидно во нападот со помош на головите на Пешевски, Костески, Велковски и Цветан Кузмановски по околу 20 минути стигнавме до -1.
Во последните минути од првото полувреме, на голот се врати Никола Митревски кој веднаш се истакна со две интервенции, а Гоце Георгиевски со звукот на сирената не успеа да реализира зицер за реми.
Црна Гора замина на полувреме со предност од 17:16, а откако Митревски го отвори вториот дел со нови две одлични одбрани, во 32 минута конечно успеавме да го израмниме резултатот.
Но Македонија не фати силен ритам за да успее конечно да го сврти резултатот во своја полза. Се играше бавен ракомет со многу грешки, а Црногорците и натаму го диктираа резултатот со 2 до 3 гола предност.
Проблемите во нападот беа забележливи и кога бевме со два играчи повеќе на терен, па и во тие моменти од 46-та до 48 минута не успеавме да постигнеме гол.
Покрај сите проблеми во играта, во последните 10 минути го разбранивме и Симиќ кој се покажа како клучен играч на Црногорците со неколку фантастични одбрани еден на еден.
Одличен беше и Никола Митревски кој забележа 11 интервенции и во вториот дел ни даде доста шанси да се вратиме во игра, но после големиот број на загубени топки и неточни додавања следуваше болен пораз.
Најдобар стрелец кај Македонија беше Мартин Велковски со 6 гола, Цветан Кузманоски постигна 5, а Филип Кузмановски и Мартин Серафимов погодија по 3 пати.
Македонија во 3. коло во понеделник со почеток од 20:30 часот игра против Данска, но без никакви шанси за пласман во втората фаза.