Екипата на Ѓер како актуелен европски шампион, сезонава има учинок од 14 победи и само 2 порази. Предводени се од Амброш Марташ, стратегот кој три пати го креваше трофејот во елитното натпреварување.
„Со Јованка имавме прилика да видиме како функционира таа машинерија Ѓер и познат ни е нивниот квалитет. Морам да ви признаам дека кога ги гледав машките (РК Вардар), од сè срце посакав и ние да ја доживееме таа атмосфера, во која не може а да не пружиш максимум. Верувам дека салата ќе биде исполнета до крај“, го започна денешниот прес Андреа Лекиќ, која минатата недела се повлече од српската репрезентација и реши да се фокусира само на Вардар.
Во недостиг на квалитетни натпревари, црвено-црните минатата недела одиграа два пријателски меча против данскиот шампион Есбјерг.
„Годинава можеби го избравме потешкиот пат да стигнеме до Фајнал форот. Ејсберг е шампион на Данска и јас уште еднаш би сакала да им се заблагодарам што најдоа време да дојдат и да одиграме пријателски натпревари. Мотивацијата на големите натпревари е клучна. Минатата година игравме подобро од натпревар во натпревари и верувам дека ќе заиграме како што се очекува од нас“, оптимист е тренерот Индира Кастратовиќ.
Во единствените два порази сезонава, Ѓер против Ларвик на полувремето постигнуваше по 10 голови. Инди додаде дека добро ги анализирале и дека ништо нема да ги изненади во сабота.
„„Ги анализиравме дуелите на Ѓер со Ларвик и веќе знаеме кои ракометарки од унгарскиот состав се најопасни во нападот. Имаме и ние свои адути, но ќе ги чуваме до мечот", вели Индира Кастратовиќ.
Унгарскиот тим има доста проблеми со повредени и отсутни ракометарки. Европскиот првак во моментов ги нема Анита Горбиц и Катрин Лунде кои се повлекоа поради бременост, Бразилката Аморим и Орбен се повредени, а Катарина Булатовиќ се врати во Будуќност. Поради повреда против Вардар за Ѓер нема да игра ниту Јелена Грубишиќ. Сепак, тоа не ги опушта вардарки, напротив.
„Свесни сме против кого играме и единствено се надевам дека нема да изгориме во желбата за победа. Во дуелот мора да влеземе со студени глави, затоа што само така ќе имаме контрола над мечот. Никако не смееме да се залетуваме и да не понесе атмосферата“, констатираше Јованка Радичевиќ, која е поранешна ракометарка на Ѓер.
Натпреварот ЖРК Вардар - Ѓер се игра во сабота со почеток од 19:00 часот со пренос на Алфа ТВ. Претседателката Гордана Нацева изјави дека е позитивно изненадена од предлогот на стручниот штаб, екипата да замине во целосен карантин на ден пред натпреварот.