По одлично организираниот традиционален турнир во Струга летово каде со години учествуваат реномирани европски екипи, на ред дојде и новата сезона во македонската Супер лига која важи за извор на талентирани ракометари.
Лигата брои 10 екипи од неколку градови во земјата. Во моментов, после 6 одиграни кола лидер е Еурофарм Работник, клуб од Битола кој му пркоси на главниот тим од овој град. Еурофарм има 6 победи на 6 натпревари и со 18 бода е прв.
Зад него се Охрид 2013 и Струга, тимови кои утре од 19:30 ќе се сретнат во големото „езерско дерби“ во салата „Билјанини извори“ во Охрид. Охриѓани после долго време имаат респектабилен состав, кадарен да се вмеша во борбата за врвот.
Големото ривалство меѓу овие два града ќе биде збогатено и со присуство на двете навивачки групи, „Рибари“ од Охрид и „Паткари“ од Струга, групи кои едвај чекаат нивните клубови да се сретнат во кој било спорт.
Веќе неколку дена траат подготовките за „езерската битка“. Навивачите на РК Охрид 2013 со колона возила и бакљада го повикаа градот да дојде на дербито:
Во Струга, во „Паркот на поезијата“ веќе неколку вечери се коваат планови за „освојување“ на Охрид.
Капитените на двата тима, Крсте Андоновски од Охрид и Кристијан Мечкароски капитен на Струга очекуваат фер и коректно навивање на утрешното дерби:
„Натпреварите со Струга поради големото спортско ривалство помеѓу овие два града што е останато уште од порано имаат посебна тежина. Езерското дерби уште повеќе добива на значење оваа година бидејки двете екипи играат во Супер лигата и можам да кажам дека Струга оваа година состави респектабилен тим. Ние играме на домашен терен и се надевам ќе го валоризираме и ќе извојуваме победа. Голема подршка ќе ни биде охридската публика и верните “РИБАРИ” кои годинава не бодрат во голем број“, вели за порталот Јави се Јужна капитенот на Охрид, Андоновски.
Сличен тон имаше и од другата страна. Капитенот Мечкароски во изјава за Јави се јужна:
„Среќен сум што после подолго време “езерското дерби” се враќа на голема врата во македонскиот ракомет. Шармот, неизвесноста и возбудата што го носи ова дерби е мотив повеќе за љубителите на спортот и ракометот во Струга и Охрид да дојдат во што поголем број на трибините на “Билјанини извори”. За нас играчите тоа е импулс повеќе да им приредиме една квалитетна ракометна претстава. Ние како клуб оваа година сме покриени на сите позиции, што ни дава за право да размислуваме само за победа и пласман во горниот дел на табелата.“