Иако македонскиот вицепрвак пред мечот со Мотор Запорожје важеше за голем аутсајдер (коефицентот во обложувалниците се движеше до 14,00 за победа на гостите), младиот тим од Автокоманда покажа дека сезонава ќе биде тврд орав за многу големи екипи.
Носени од феноменалниот голман Дарко Арсиќ кој попладнево бранеше неверојатно, Металург имаше неколку водства уште од самиот старт.
Добрата одбрана беше комбинирана со одличен напад па Металург после седум минути водеше со убедливи 1-6. Александар Гуглета кој неодамна се врати од повредата и ровит го започна мечот, играше како во транс и постигна 6 гола од 6 обиди во првиот дел.
Момците на Јовиќ немаа намера да спуштат гас па после 17 минути игра водеа 3-11, предност каква што Металурзите на гостински терен имаа некогаш во најдобрите денови од клупската историја.
Мотор Запорожје очигледно потценувачки влезе во натпреварот а тоа им се одби од глава па на паузата тимот од Автокоманда имаше високи +6 (12-18).
Откако сфатија дека во Харков дошла екипа со богато европско искуство, домаќините се консолидираа и почнаа да ја топат предноста на македонскиот претставник. Козакевич некако лесно постигна два брзи гола и намали на 14-18 но Вања Илиќ имаше спремен одговор и ја врати предноста на Металург од 6 гола.
По тој момент следуваше делумно очекуван пад на гостинскиот состав па Запорожје тоа го искористи и преку Захар Денисов стигна на 18-20 во 39’ минута. Во јуришни напади Украинците се обидоа да ја стопат позитивата на нашиот тим па на шест минути до крајот незапирливиот Денисов израмни на 26-26.
Нов налет Металург имаше во самиот финиш кога Томовски скроти два пенали по ред во 56’ минута а Велковски на другата страна го однесе Металург на +2. Семафорот покажуваше уште три минути игра.
После неколку спорни судиски одлуки домаќините изедначија 28-28 а последниот напад го имаше Металург и тоа со играч повеќе по исклучувањето н а Целишчев. Имавме добра можност но избраниците на Ромбел се одбранија а во против нападот ја Пуховски ја погоди пречката и на крајот конечни 28-28.
Металург може да жали за пропуштената шанса но треба да биде горд на играта која што ја прикажаа младите ракометари. Денисов со 8 погодоци беше прв стрелец кај Мотор Запорожје, а Јагањац и Гуглета постигнаа по 7 за Металург. Играч на мечот беше Дарко Арсиќ со 12 одбранети удари.
Металург сега има 1 победа, 1 реми и 2 порази после четири одиграни кола а Мотор Запорожје има 2-1-1. Во следното коло, на 14 октомври, Металург му гостува на Чеховски Медведи.