Ракометарите на Вардар како во грч го стартуваа најтешкиот меч во групата против минатогодишниот учесник во фајнлфорот. Веспрем за 8 минути игра успеа да направи предност од 2:5, најмногу поради грешките на нашите ракометари.
Унгарците играа многу цврста одбрана која Вардарци не успеваа да ја пробијат. Во 11 минута нашиот тим беше во негатива од -4, а единствениот гол од игра до тој момент го постигнаа преку Дибиров.
Избраниците на Гонзалес полека се ослободуваа од притисокот и намалија на -2, а најубавиот момент за публиката го направи Игор Карачиќ кој со цепелин во 20 минута го израмни резултатот на 8:8. Гостите свикаат тајм-аут и потоа веднаш стигнаа до +2, предност која ја имаа и на паузата 11:13.
Веспрем беше опасен и на стартот од второто полувреме и за кусо време успеа да направи серија од 3:0, но Вардар не се откажуваше а големото залагање на терен им се исплатеше во 43 минута кога стигнаа до прво водство.
Потоа гостите беа тие кои бркаат негатива и во следните неколку минути се играше гол за гол. Црвено црните успеаа да стигнат и до +2, благодарение најмногу на одличниот Карачиќ. Но предноста не успеаа долго да ја зачуваат, бидејќи Брумен беше исклучен и Унгарците набрзина постигнаа гол, а потоа имаа тајм-аут по кој се вратија во предност во 53 минута.
Пеколните неизвесни моменти почнаа на три минути до крајот кога Вардар повторно се избори за пресврт и ја врати надежта за победа.
Големиот триумф Вардарци го испуштија во последната минута од мечот кога Вепсрем успеа да поведе, а потоа Момир Илиќ изведе прецизен седмерец на 12 секунди до крајот на средбата за победа од 23:24.
Најпрецизен ракометар на мечот беше Игор Карачиќ со 8 гола, Дибиров постигна 4, а кај гостите најмногу се истакна Илиќ со 6 погодоци.
Реваншот против Веспрем е за седум дена во Унгарија.