Црвено-црните вечерва ја забележаа и третата победа по ред во групната фаза од Лигата на шампионите, а втора против првакот на Русија.
Откако пред една седмица со пет разлика ја победија Астрахоночка, Сања Дамјановиќ, Андреа Пенезиќ и останатите ракометарки одново демонстрираа сила, овојпат победувајќи поубедливо.
Мечот започна прилично рамноправно и до истекот на 6. минута гостинките имаа 3-3. Од тој момент Вардарки целосно ја презедоа иницијативата и заиграа „фајнл-форски“. Веќе во 12. минута Вардар водеше 8-4 а до крајот на првиот дел разликата растеше се повеќе до 15-8 кога победникот беше решен.
Во првото полувреме, црногорската репрезентативка и една од најдобрите ракометарки на Вардар, Јованка Радичевиќ беше исклучително во ритам и постигна дури шест гола со само едно промашување од игра. Голем момент за Вардар се случи пред полувремето кога по неколку месечна пауза на теренот се врати Андреа Лекиќ која постигна два гола во серија и го однесе својот тим на полувреме со предност од 18-13.
Ништо помалку мотивирани Вардарки не беа ниту на стартот на вториот дел кога ги користеа грешките на Астрахоночка и стигнаа до најубедлива предност од осум гола (23-15).
И покрај тоа што во 42. минута со голот на Радичевиќ на семафорот стоеше 28-18, Вардар немаше намера да застане и на крајот победи со дури 14 гола разлика, 39-25. Ова беше втора рекордна победа на македонскиот првак по онаа во Лајпциг кога славеа со неверојатни 41-24.
Најдобар поединец на мечот беше Јованка Радичевиќ со девет гола. Хрватката Пенезиќ додаде пет, а по четири гола постигнаа Камила Херем, Ања Алтхаус и Татјана Хмирова. Радува и одличното враќање на Лекиќ која даде три погодоци. Кај гостинките од Русија, Кристина Кожохар даде седум гола.
Вечерашниот дуел беше последен за Вардар од групната фаза пред своите навивачи. Во следните кола, на 13 ноември Вардарки му гостуваат на ФТЦ, а на 19-ти месецов ја завршуваат групната фаза против Лајпциг исто на гостински паркет.