Финалниот турнир ќе се одигра на 7. и 8. мај во Будимпешта, а титулата освоена лани ја брани црногорскиот тим Будуќност. Инаку ова е трета година по ред Фајнал форот да се игра во салата Пап Ласло главниот град на Унгарија.
ЦСМ Букурешт - Вардар
Будуќност - Ѓер
Унгарскиот дрим-тим минатата сезона беше елиминиран токму од Вардар во четвртфиналето. Унгарките се враќаат на Фајнал форот во борба за трофејот откако сезонава во групата Ц (заедно со Вардар) беа први со 9 бода, 4 победи, 1 пораз и 1 реми.
Во втората фаза, Ѓер заврши втор со 15 бодови колку што имаше и првиот Будуќност. Учинокот на унгарскиот состав во главната фаза од ЛШ беше 7 победи, 2 порази и 1 нерешен исход. Во четвртфиналето лесно поминаа против нивните сонароднички од клубот ФТЦ.
Букурешт
Романскиот шампион сезонава ја потврди ренесансата на романскиот женски ракомет кој конечно се врати таму каде според остварените резултати му е место, во елитата. За ЦСМ Букурешт ова е прв пласман на еден Фајнал Фор.
Во првата фаза од ЛШ Букурешт беше во групата Д, таму завршија втори со 9 бодови, 4 победи 1 пораз и 1 нерешена средба. Во втората фаза беа во групата 2 и таму одиграа нешто послабо, беа четврти со 9 бода од 4 победи, 5 порази и едно реми. Последна пречка пред Фајнал форот им беше Ростов Дон кој на два пати го совладаа идентично и тесно со 26-25.