Вардар се извлече и стигна до бод во Унгарија

По трите победи во воведните три кола, Европскиот првак не успеа да го одржи максималниот бодовен учинок во Лигата на шампионите. Избраниците на Раул Гонзалес одиграа натпревар под своето ниво, но успеаа да останат непоразени. Дибиров имаше меч топка за победа.

Ракометарите на Вардар го одиграа најнеквалитетниот натпревар сезонава во Лигата на шампионите и за малку ќе останеа поразени на гостувањето против Пиг Сегед.
 
Со оглед на драматичниот финиш во кој се случи голема резултатска неизвесност, Вардарци можеа лесно да дојдат и до триумф, но Дибиров на околу 20 секунди до крајот при резултат 26:26, кој на крај беше и конечен, излезе очи во очи со голманот и биеше над голот.
 
Од друга страна бодот на Вардар е важен бидејќи домаќините беа подобар противник и скоро цел натпревар одржуваа предност, а на 2 минути до крајот имаа и +2.
 
Вардар имаше проблеми со креативноста во нападот, но и покрај тоа успеваше да се одржува во тесна негатива, благодарение најмногу на Лука Циндриќ кој индивидуално ги решаваше акциите, особено во првиот дел.
 
Најзабележителен проблем им беше играта во одбрана каде имаа многу дупки кои Унгарците лесно ги користеа. Вардар на овој натпревар прими 14 гола во првите 30 минути, што е најмногу оваа сезона, а колку слабо им функционираше играта во одбрана, показател се 10-те одбрани на Штербик кој го одржа својот тим на паузата на -1.
 
Голманот на Вардар го заврши мечот со вкупно 14 одбрани, а најдобри стрелци во таборот на Вардар беа Борозан со 8 и Циндриќ со 7 гола.
 
На 14 октомври Вардар во Јане Сандански ја пречекува Барселона.
7 октомври 2017 - 19:36