Историската прва средба помеѓу големите градски ривали на европска сцена почна во знакот на македонскиот шампион кој со голот на Стоилов го отвори резултатот. Вардарци делуваа поорганизирано во играта од нападот и по 9 минути игра имаа водство од 5:2.
Одбраната како препознатливи адут во играта на Металурзите беше далеку под нивото, а единствено солиден на голот беше вториот чувар на голот Раде Мијатовиќ. Вардарци со брзи контри и подобро организиран напад по 20 минути игра имаат водство од 10:5.
Во првото полувреме се играше коректен ракомет на теренот, но така не беше на трибините каде блиска средба имаа „Комитите" и полицијата која одговори со пендраци, но за среќа брзо се расчисти гужвата.
Избраниците на Лино Червар покрај проблеми во одбраната, имаа проблем и со реализација, освен Павел Атман кој беше светла точка во тимот. Првиот гол на Ренато Вугринец стигна на дури 2 минути до крајот на првото полувреме кое му припадна на Вардар со резултат 14:9.
За ракометарите од Автокоманда ова дефинитивно беше лоша вечер затоа правеа и многу грешки несвојствено за нив, а настаните во вториот дел одеа повторно во корист на Вардар кој беше подобар противник во сите сегметни од играта.
Од 38 до 48 минута шампионот на Македонија на три пати имаше водство од +6 кое беше недостижно за составот на Червар кој вечерва не можеше да го пронајде лекот во одбраната за момчињата во „Црвено црно".
Во 50 минута Металург намали на 4 гола негатива, а во 54 минута по грешката на Вардарци, Манасков намали и на -3. На 3 минути до крајот паднаа по еден гол на двете страни, за идентична предност на Вардар. Во завршницата од мечот условно кажано гостинот, постигна уште два гола за конечни 27:22.
Најзаслужен за триумфот на Вардарци беше Тимур Дибиров со 9 погодоци, додека кај Металурзите најдобар беше Павел Атман со 7 гола.