Трет пат од пет гостувања кај Рајн-Некар, Вардар се враќа со цел плен. Освоија момците на Парондо два вредни бода кои им го бетонираат второто место кое води директно во четвртфинале. Притоа го исфрлија германскиот состав од игра за второ место.
Македонскиот шампипон уште од стартот покажа дека ЕХФ неправедно го изостана од прогнозите за Фајнал Фор.
Рајн-Некар само на пар моменти имаше резултатска позитива, водеше 7-6 во 15' минута а потоа Вардар до крајот го прегази домаќинот. Парондо ја затегна одбраната а офанзивата од контри и полу-контри преку Игор Карачиќ го решеташе домашниот голман.
Вардарци направија неверојатна серија од 1-6 и резултатски се одлепија (9-16) а Германците до пазуата намалија на 12-16.
Во вториот дел Рајн-Некар постојано играше со 7 на 6 во нападот но ни таквата идеја не им успеа со гранитната одбрана на Скопјани.
Вардар во еден момент ја круниса феноменалната игра со дури 7 гола предност поради што во последните 10 минути се опушти и му приушти на Рајн-Некар да го ублажи поразот на три гола.