Убедлив пораз на Македонија од Данска за крај на Европското

Ракометната репрезентација на Македонија со три порази на три натпревари го заврши настапот на Европското првенство.

По воведниот пораз од Словенија, па загубениот меч од Црна Гора во второто коло, вечерва нашите најдобри ракометари убедливо изгубија од комбинираниот состав на светската ракометна сила Данска: 31-21.

Данскиот селектор реши да ги одмори водечките ракометари, но тоа не и претставуваше проблем на скандинавската земја да оствари убедлив триумф.

Единствена светла точка од овој меч е младиот Митев кој влезе во составот на Македонија наместо Маџовски и успеа да стекне искуство од едно големо Европско првенство.

Мечот неочекувано започна со убедлива, висока предност на црвено-жолтите од 4-0 со головите на Костески, Талески и Жарко Пешевски.

Митревски бранеше во свој стил, одлично, Хансен промаши седмерец, а Данците првиот гол го дадоа дури во деветтата минута, што сигурно првпат им се случува во последните децении.

Високиот и тешко задржлив Керкеле доминантно постигна два гола и Данска веќе на истекот на 13' минута намали на 4-3. 

По одличниот почеток, Филип Кузмановски незгодно нагази при еден доскок и го повреди зглобот па мораше предвреме да излезе од игра.

После тој момент нашиот тим цели шест минути не постигна гол, па селекторот Лазаров реши после повикан тајм-аут да ротира и го стави Миркуловски со цел да застанеме на топка.

Но веќе беше доцна. Данците „се размавтаа“ и Ландин во 23' минута ги однесе на +3 гола предност.

Тогаш шанса доби дебитантот Марко Митев, а Никола Митревски постигна гол од својот простор за воодушевување меѓу нашите навивачи.

Првите триесет минути завршија 15-11 за Данска.

Почетокот на вториот дел донесе идентична слика - Македонија пробуваше да парира, но сепак Данска која е меѓу главните фаворити за злато, не дозволуваше ни најмал сомнеж околу конечниот резултат. Единствено добро е што некои нови клинци како Митев, Иван Ѓоргиев и Кристијан Симоновски добија прилика да почуствуваат како е да се игра против големата Данска.

На крајот пораз од 10 гола разлика: 31-21 и крај на бајката Европско првенство за нашиот национален тим.

Најрасположени стрелци кај нас беа Пешевски со шест гола, Мишевски и Талески постигнаа по три, а Велковски и Кузманоски броеа по 2 гола.

Најефикасен на мечот беше корпулентниот Киркелоке со девет погодоци, Линдберг постигна четири а Менсинг три. Никола Митревски запиша шест одбрани а Мартин Томовски само една.

17 јануари 2022 - 22:09