По големото изненадување во Борис Трајковски пред четири дена каде Лазаров дебитираше како играч/селектор со изненадувачка победа од 33:29, Данска денеска ни се одмазди на својот терен со убедлив триумф од 37:21.
Лазаров денеска реши да се изземе од составот и да го поштеди и Миркуловски и да им даде простор на помладите. Тој всушност направи три измени, бидејќи го немаше и Стоилов поради повреда и во состав ги стави Мартин Серафимов, Емилијан Ѓорговски и Михаил Аларов.
Македонија имаше солидни десетина минута и добро му парираше на фаворитот. Со игра гол за гол во тој период се држеше на -1. Потоа влезе во криза која траеше од 11-та до 19-та минута, период од 8 минути во кој беа без постигнал гол.
Данците тоа го искористија и стигнаа до двојна предност од 12:6, клучна на мечот. Без Лазаров и Миркуловски беше забележлив недостинг на идеи во напад и повеќе дрскост. Манасков имаше два неуспешни обиди од своја позиција, а шутот не му одеше ниту на Талески кој само ги разбрани голманите и првиот гол го постигна дури во 40-та минута.
Лошата серија без постигнат гол ја прекина Велковски, но нашите и понатаму беа во подредена улога и потоа влегоа во нов период од 5 минути без постигнал гол. На полувреме Данска замина со 17:10 по што беше јасно дека не можеме уште еднаш до посакуван резултат.
Со овој триумф Данска сега е прва со 6 бода, исто колку и Македонија, но со подобра гол разлика, а Швајцарците денеска ја совладаа Финска и се трети со 4 бода.
Овој пораз на некој начин е вкалкулиран, бидејќи сме многу блиску до пласман на ЕП 2022. На 28 април и гостуваме на Финска која е последна без бодови.