Тајна камера го снимила разговорот за кој Начевски е суспендиран од ЕХФ

Данската телевизија ТВ 2 објави видео со делегатот на ЕХФ, Драган Начевски кој добива непристојна понуда и ја одбива на лице место. И покрај тоа, тој е суспендиран од месец мај.

ТВ 2 пишува дека во 2020-та година скришно снимила средба меѓу Начевски и човек кој се преправа дека е бизнисмен, а која ќе им служи како видео во документарец посветен за скандал со местење натпревари во кој се вмешани судии и други ракометни работници во европскиот ракомет.

„Не сме зборувале“ – скриена камера со судија предизвика мешаница, гласи насловот на данскиот медиум.

Тоа се всушност зборови на Начевски при крајот на видеото во кое јасно се слуша дека тој одбива било каква соработка поврзана со коцкање, а не сака ниту да му предложи на соговорникот човек за да му помогне за наводните валкани игри.

Но и покрај тоа, од ЕХФ заклучиле дека според некои одговори, тој не се оградил целосно од случајот и испратил погрешни сигнали во улогата што ја имал.

Ви го пренесуваме целиот разговор меѓу Драган Начевски со сè видеото со човекот кој се преправа дека е бизнисмен и кој сакал да внесе кинеска ракометна екипа во СЕХА лигата.

ТВ 2: Има и друга тема за која би сакал да разговарам со вас. Ова може да стане многу профитабилен бизнис за вас.

Начевски: Во која насока? И во која област?

ТВ 2: Коцкање. Имам навистина добра врска во Азија во областа на обложувањето. И имам навистина широка мрежа на луѓе кои се многу талентирани и професионални во она што го работат. Можат скришно да прават работи. Гледам дека со ракометот тоа може да стане многу профитабилен бизнис. Судиите играат многу важна улога на овие натпревари. Што би рекле, господине Начевски? Со вашата позиција ќе биде навистина добро. Можеби ќе можеме да работиме заедно во оваа област. Дали ме разбирате на што мислам?

Начевски: Знам што сакате да кажете. Тоа е многу чувствително. Се водат многу разговори за коцкањето и работите што се случуваат, но господине Џанг, јас нема да бидам вклучен во ова. Не дека се плашам, но во принцип е малку ризично. Во ракометот го имаме оној Спортрадар кој работи заедно со обложувалниците и кој се вклучува во Европската ракометна федерација за сите информации поврзани со коцкањето. Следат и знаат што се случува. И затоа велам не на ваков бизнис во моментов. Да бев помлад и да бркав пари, дефинитивно ќе размислував за ова.

ТВ 2: Можеби имате некој што можете да го препорачате и кој добро ги познава судиите?

Начевски: Опасно е. Особено овие денови. Вниманието кон нив е големо низ целиот свет.

ТВ 2: Вие сте голема фигура во ова. Луѓето ви веруваат.

Начевски: Ви благодарам многу господине Жанг. И ова е наш личен разговор. Исто како да не сме разговарале. Затоа, не грижете се за тоа. Не треба да се плашите.

Виа

5 јули 2023 - 15:37