Ракометарките на ЖРК Вардар лошо го стартуваа натпреварот и по водството од 2:1, примија 5 гола во низа за водство на Турингер во 8 минута од 2:6.
Недостасуваше пред се добра координација и повеќе жестина во нападот, а тоа функционираше одлично кај Германките кои ги пронајдоа дупките во нашата одбрана и брзо ја направија предноста.
По тајм аутот на Кастратовиќ, Вардарки се разбудија и почнаа да ја топат негативата, а најтешко им беше кога се доближија на -1. Николиќ и Зебиќ не успеаа да реализираат седмерци, а во третиот пенал по ред одговорноста ја презеде Лекиќ која во 25 минута го запиша својот прв гол за нерешено 9:9 на 5 минути до паузата.
Блескав натпревар најави Суслина која за 30 минути одбрани дури 13 удари, но нашите ракометарките тоа требаше многу повеќе да го наградат. По реализираниот пенал на Лекиќ следуваше пресврт и предност по првиот дел од 12:10.
Иако ракометната екипа брои 16 ракометарки, невообичаено Турингер имаше вкупно девет на располагање, а некаде од 20 минута од натпреварот во напад почна да игра без голманката и да напаѓа со седум.
Таа тактика не им донесе резултат. ЖРК Вардар одигра за нијанса подобро во второто полувреме, а на почеток разиграна во нападот беше Лазовиќ која за кусо време запиша 3 гола. Во 45 минута на семафорот стоеше 19:14 за нашиот тим и потоа работите одеа полесно.
Ракометарките на Турингер најмногу се спуштија до -4, а на четири минути до крајот од својата половина празниот гол го погоди Лекиќ за највисоки +6 на натпреварот. На крајот резултатот беше 26:21.
Играч на натпреварот без конкуренција беше Русинката Ина Суслина, а најпрецизна беше Пенезиќ со 8, па Лекиќ со 5 постигна голови.
Во третото коло ЖРК Вардар се среќава со Подравка на гости на 2 ноември.