Столе: Вардар е посебен клуб за цела Македонија, а јас сум еден од Комитите

Тие му пејат: Столе ти си наша икона, а тој во Европа ги претставува како најдобри навивачи меѓу кои вели дека е и самиот тој. Ете така се претставува своето во интервју, покрај се разбира на паркетот каде крвари за Вардар.

Благодарение на искуството и физичката сила, Стојанче Стоилов е меѓу клучните играчи на Вардар за кој настапува веќе осма сезона. Низ годините се етаблираше во една од македонските икони и како капитен на Вардар кој го однесе до две историски достигнувања во Келн, стои во описот за него на сајтот на ЕХФ кој му направи интервју.

Столе повторно кажа дека имале турбулентна сезона и куп на проблеми, но истакна дека успеале да се надминат и да стигнат до посакуваниот трофеј.

Ја стартувате новата сезона како шампиони. Дали тоа носи додатен притисок, споредено со лани?

Бевме во иста позиција и пред две години и од искуство сега знаеме дека ќе биде потешко за нас. Притисокот е нешто што е добредојдено за нашиот тим, затоа што кога сме под притисок имаме подобри резултати. Како и да е, кога си шампион, мора да се однесуваш шампионски на секој меч, а тоа не е воопшто лесно.

Го носиш црвено-црниот дрес на Вардар осум години. Што го прави Вардар толку специјален за тебе?

Вардар е посебен клуб не само за Скопје, туку за цела Македонија. Клубот има огромна фан база, која ги вклучува најдобрите навивачи Комити, јас сум еден од нив. Татко ми исто така го сака овој клуб и ми ја префрли љубовта кон Вардар одамна. Се сеќавам дека ме носеше на фудбалски натпревари како мал. Денес, јас сум капитен на овој тим, ја носам лентата со чест и гордост и среќен сум што во тешки времиња за нашата држава, донесовме радост кај нашите граѓани.

Вардар загуби неколку клучни играчи од минатата сезона, а дојдоа нови имиња. Што мислиш за тимот?

Таква беше приказната и минатата сезона, но тоа не нè спречи да дојдеме до огромен успех. Секогаш е тешко кога ќе загубиш важни играчи, но тоа исто така не е нешто што може да ти го расипе сонот да не можеш да спиеш. Имаме одлична атмосфера во соблекувалната, а тоа секогаш ни помага кога се работи за играчите.

Што мислиш за новиот тренер Давид Писонеро?

Со Давид немаме поминато долго време заедно затоа што јас сум повреден, но од она што можев да го видам досега, се работи за тренер кој е фер и кој сака да комуницира. Овие две работи се многу важни за здрава врска меѓу играчите и тренерот. Сакам да му посакам многу среќа со нас и топло добредојде во нашето семејство Вардар.

Кога ќе се вратиш на теренот, Вардар ќе има на располагање три пивоти. Што тоа значи за тебе?

Секогаш е убаво да се има силна конкуренција во тимот, затоа што секогаш ќе мора да се докажуваш за време на тренинзите и да целиш да бидеш подобар. Пивотите во клубот се амбициозни и млади и се надевам дека јас ќе им помогнам да бидат уште подобри.

Ждрепката во ЛШ посака да добиете познати и силни противници. Како гледаш на групата?

Да, се наоѓаме во тешка група, мислам дека се работи за потешка во однос на онаа од лани. Секој сака да го земе скалпот на шампионот, но ние сме Вардар и како што кажав мора да се однесуваме како шампиони, без никакви изговори.

Како ќе го оцениш овој Вардар и кои се вашите цели?

Низ годините секогаш имаме една иста цел, тоа е да играме на Ф4 во Келн. А, кога ќе се најдеме таму, тогаш сè може да се случи.

Виа

13 септември 2019 - 13:45