Настапите на македонската ракометна репрезентација на Светското во Египет имаа повеќе фалинки. Гледавме целосно бледа игра која се состоеше од неизработени акции во напад и никаква цврстина во одбрана.
Заминавме како без тактика и како прв пат да одиме на Светско, а најтешко беше да се гледа недостигот на желба за кој отворено зборуваа и критикуваа луѓе од ракометната фела.
Синоќа тоа беше некоја друга Македонија која повеќе од очигледно е дека не заборавила да игра ракомет. Агресивна во одбрана, полетна во напад, едноставно полна со желба и мотивирана до даска. Плус тактички спремна и разновидна во играта.
Докажавме дека со позитивна енергија и мотивација, квалитетот на младоста измешан со нашето искуство го клекна светскиот...
Posted by Filip Mirkulovski on Thursday, March 11, 2021
Една од клучните фигури на паркетот дефинитивно беше Филип Миркуловски на кој капа треба да му симнеме, затоа што повторно докажа дека секогаш е тука за Македонија.
Да потсетиме дека Жути се повлече од репрезентација пред пет години, а последен меч му беше дуелот против Чешка на 15 јуни 2016-та, исто како и на Мојсо. Се жалеше на многу повреди, што е нормално бидејќи како што кажа Червар, тој става глава онаму каде што друг не би ставил нога.
Ама тоа не беше збогум и на крајот на истата година доби повик токму од Лино на кој му требаше за Мундијалот во Франција 2017. Се врати на 33 години, па потоа продолжи само со клупски ракомет во Вецлар.
И еве го ѕверот прави втор кам бек. За Кире, за репрезентацијата, за навивачите на кои од секогаш им бил миленик. Зборуваме за една од главните алки на Македонија повеќе од 10 години со која почна убавата низа на големите натпреварувања од СП Хрватска 2009.
Во Египет фалеше среден бек кој ќе разигра и кој ќе разбие, како што синоќа тоа го правеше Жути против светскиот првак. Даде 3 гола и врз него беа направени четири седмерци.
Ете тоа е Филип Миркуловски, срцето и душата на репрезентацијата. Кире е мангуп и многу добро знае зошто го повика. Внимавајте, на 37 години.
А кога сме него и скандинавските селекции: