Победа на Металург, историски пласман во четврфинале и огромно славје во салата „Борис Трајковски". Сето ова го очекуваат љубителите на тимот од Автокоманда кој годинава со играта и борбеноста повеќе пати ни приредуваше шоу на речиси сите натпревари во Лигата на шампионите.
Иако ракометарите на Металург завршија голема работа на првиот осминафинален меч против Динамо Минск, Лино Червар изјави дека по малку е и загрижен, затоа што никој не смее да помисли дека веќе со една нога Металурзите се во четврфиналето.
„Има уште три дена до натпреварот за кој искрено да кажам е посебен и за кој барам целосна мобилизација од целата екипа. Не смееме да мислиме дека реваншот ќе биде лесен, затоа што никој не може да ме увери дека екипа која има 13 странски играчи од 5 земји, која го совлада Загреб, која убедливо го победи Берлин и која рамноправно се носеше со Барселона, ќе се предаде во Скопје", изјави Червар.
Голема претпазливост и дисциплина побара и искусниот Ванчо Димовски кој посочи дека оваа историска шанса за пласман во четврфиналето не смее да се прошушти.
„Мораме да одиграме најдобро што умееме и да ја демонстрираме дисциплината исто како во Минск. Не познавам тим кој по едно прво полувреме ќе загуби со 3 гола разлика а потоа ќе се откаже од битката. Мораме да бидеме свесни дека предноста која ја обезбедивме може многу лесно да биде анулирана“, рече Димовски
Хрватскиот стратег посочи дека клучот на победата ќе се бара во желбата , упорноста, трпеливоста и тактичките надмудрувања. Металург според Червар не мора да прикаже ниту убава игра, туку треба да настапи со ладни глави и големо срце за да постигне голем успех за македонскиот ракомет.