Редизајнираниот пехар на Лигата на шампионите во следните 12 месеци ќе биде „жител“ на Подгорица, град од каде доаѓаат најдобрите ракометарки во Европа.
Три години откако прв пат се качија на врвот на Стариот континент, ракометарките на Будуќност повторно станаа европски шампиони. На патот до финалето најпрвин убедливо го совладаа нашиот Вардар, за да во финалето бидат поуспешни и од Ларвик, екипа која до синоќа немаше ниту еден пораз и 14 победи по ред.
Финалниот натпревар во „Ласло Пап“ арената почна еуфорично за Будуќност кој поведе 4-0. Со головите на Мајда Мехмедовиќ и Катарина Булатовиќ, Будуќност на полувремето замина со 6+ (14:8). Иста слика и во вториот дел, а во 39. минута Црногорките стигнаа до неверојатни 9 голови предност (20-11). Ларвик спушти на само четири негатива, но немаше сила за целосен пресврт и Будуќност заслужено го освои пехарот.
Најефикасна кај Сините беше Катарина Булатовиќ со седум голови, а Мајда Мехмедовиќ постигна шест. Прв стрелец на мечот беше Нора Мерк со 10 погодоци. Голманката на Будуќност Клара Волтеринг (капитен на екипата) е прогласена за МВП на фајнал форот, трофеј со кој ќе ја заврши својата професионална кариера после четири фантастични сезони во Подгорица. Катарина Булатовиќ ја освои четвртата титула во ЛШ, втора по ред откако и лани во Будимпешта славеше со Ѓер.
Признанието најдобар стрелец сезонава во ЛШ го поделија Андреа Пенезиќ од Вардар и Кристина Неагу од Будуќност кои имаа по 102 гола.
Хајлајтс од финалето во Будимпешта: