Будуќност повторно кобен по Вардарки на Фајнал фор

Ракометарките на Вардар и втора година по ред не успеаа да се пласираат во финалето на Лигата на шампионите. Во таа намера ги спречи црногорскиот претставник Будуќност кој како и лани ги надигра црвено-црните во секој сегмент. Скопјанки за бронзата ќе се борат со Динамо Синара.

Уште еден пораз за Вардар во полуфиналето и уште еден пораз од црногорскиот шампион Будуќност. Се повтори минатогодишниот Фајнал фор, кога Вардарки со спуштени глави ја напуштија салата Ласло Пап во Будимпешта.
 
Сепак, минатата година Вардарки играа продолжение, а вечерва како да поминаа по минско поле и загубија со десет голови разлика, 27-17. Натпреварот беше решен во првото полувреме, период кога Црногорките направија предност од три гола и со препознатливата агресивна игра го одржуваа водството.
 
Водечкиот стрелец во Лигата на шампионите, Кристина Неагу беше нерешлива енигма за одбраната на Вардар. Будуќност водеше со три гола разлика до 20. минута од првиот дел, а поранешниот европски првак веднаш потоа реши да „стави во петта брзина“ и за прв пат да поведе со пет голови предност (12-7). 

Како многу пати сезонава, избраничките на Индира Кастратовиќ направија неколку грешки во нападот, а Будуќност безмилосно казнуваше на спротивната страна и на полувреме се замина со 14-9 за Сините од Подгорица. Вардар беше рамноправен противник само 8 минути во вториот дел, кога Будуќност немаше никаква намера да ја спушти топката и во 55. минута поведе на 26-16.
 
До крајот, по гол на двете страни за конечни 27-17 за Будуќност, кој во финалето ќе игра против норвешкиот Ларвик. Норвежанките претходно денес го прегазија рускиот претставник Динамо Синара 31-22.
 
Во редовите на Вардар, Андреа Пенезиќ и Андреа Лекиќ беа најефикасни со по четири голови. Ина Суслина имаше за неа скромни осум одбрани, а Амандин Лејно го заврши мечот со три фатени топки. Будуќност беше предводен од Кристина Неагу со седум голови колку што даде и Радмила Петровиќ. За одбележување е одличниот настап на голманката Клара Волтеринг која имаше 14 одбрани.
 
Вардарки утре од 14:30 против Динамо Синара ќе ја бранат бронзата освоена лани, а Будуќност и Ларвик ќе играат за златниот медал од 17:00.