Избраниците на Раул Гонзалес му вратија на хрватскиот тим кој славеше на првиот дуел во Загреб во ЛШ и тоа убедливо со 14:8 по првите 30 минути и конечни 25:20.
Ова е многу важен триумф за Црвено црните кој од четвртата се искачија на првата позиција на табелата која носи директно во четвртфиналето. Во прилог на Вардар одеа и резултатите од другите средби. Кјелце загуби од Рајн Некар, а Пиг Сегед од Мешков Брест и со тоа останаа на 13 бода, еден помалку од Вардар.
Вардарци уште на стартот покажаа кој е газда во Јане Сандански и средбата ја отворија со предност од 5:0 во која четворица играчи се запишаа меѓу стрелците. Најтесната разлика беше во 13 минута кога Вори намали на 7:4.
Одличен во последните 10 минути од првиот дел од средбата беше Лука Циндриќ кој го замени Карачиќ и постигна три гола. Гостите промашија неколку зицери и направија неколку технички грешки по кои следуваа казни.
Резултатски во второто полувреме ништо посебно не се менуваше бидејќи Загрепчани делуваа немоќни да ја вратат неизвеснота на мечот. Околу 20 минути се играше гол за гол за постојана предност на Вардар од 6 до 7 гола разлика.
Нешто поинакви беа последните 10 минути од средбата благодарение на расположениот Добривоје Марковиќ. Најпрво направи серија од 3:0 со три гола од игра, а на нив нанижа уште два седмерци со што беше реализатор на Загреб на пет гола по ред. Тоа за резултатот значеше четири гола разлика во два наврати.
Најпрецизен на средбата беше Алекс Душебаев со 7 погодоци, а Циндриќ и Карачиќ постигнаа по 4.
На 18 февруари Вардар му гостува на второпласираниот Пиг Сегед.