Клубот од Автокоманда кој под водство на Лино Червар беше хит во Европа и стигна до топ 8 во ЛШ, сезонава игра во Лига Европа. Вечерва со почеток од 20:45 играат на гости против Адемар Леон од Шпанија, а за патувањето како да ви кажеме.
Металурзите имаа проблем со авио конекциите и бидејќи не најдоа адекватна линија се решија за јуначки подвиг, а тоа е автобуски превоз долг 3.000 во километри и 43 во часови.
Тргнаа во неделата рано наутро, а стасаа синоќа. Она што е добро во целата приказна е што ракометарите се живи и здрави, иако веројатно најдобро им знаат нозете.
За да ја убијат досадата која е неизбежна во едно толку долго патешествие, царевите инсталирале два телевизора со плејстејшн и направиле турнир.
За нивната авантура се интересирале и во врвот на ЕХФ од каде постојано ги контактирале и се интересирале до каде се и дали им треба некаква помош.
На својот веб сајт Металург информира дека им било забавно во автобус, а ние се надеваме дека обезбедиле и фазла џоистици, знаете зошто? Па треба и да се вратат.