Во пресрет на градското дерби кое се игра в петок, Сергеј Самсоненко на денешната прес конференција обвини дека Вардар е неправедно елиминиран од четвртфиналето од Лигата на шампионите, а тоа го потврди со видео компилација на грешките на судиите од мечот против Фленсбург.
„Имавме два дена да анализираме и би рекол дека толку лошо судење не сме виделе во оваа сезна. Ќе испратиме протест во ЕХФ и ИХФ. Знаеме дека нема враќање назад, но сакаме да видат што се случуваше, затоа што ова може во иднина да му се повтори на некој друг клуб. Цела година работиме напорно и вложуваме и доаѓаат двајца и прават криминал. Ова е една од најтешките ситуации во мојот живот, не можат да се помирам, ова беше криминал. Господ ќе им врати на тие што го направија ова“, изјави сопственикот на „Црвено-црните“.
Во корист на својот, но и сите ракометни клубови од Европа, Самсоненко презентираше иницијатива за формирање независна комисија со цел да се заштитат клубовите од нечесно судење.
„Имам идеја за формирање независен орган од експерти кои не членуваат во федерации и кои би работеле во корист на клубовите и федерациите, затоа што мислам дека судењето е еден голем проблем во денешно време за ракометот. Ги повикувам сите клубови од Европа да се вклучат во оваа идеја. Можеби ова негативно ќе влијае врз ЕХФ и ИХФ, ама зарем треба да молчиме. Тие треба да ни бидат благодарни, затоа што ние само сакаме фер плеј.“, рече Самсоненко.
Тој им се заблагодари на сите навивачи на Вардар за прекрасната атмосфера која ја направија на мечот против Фленсбург и рече дека никој нема такви навивачи како што има во Скопје.