Дербито на колото од ракометната Лига на шампионите заслужено го доби овој епитет, а тоа го покажаа актерите на теренот кои водеа голема и неизвесна битка. Игор Карачиќ со два гола по ред го отвори мечот, но гостите вратија уште посилно со три интервенции на Ландин и серија од 4:0.
Вардар се помачи да го врати водството, но со упорност и одлична реализација на Брумен кој даде 5 гола во првиот дел, во 14 минута го возврати ударот со идентична серија за водство од 8:6. Рејн Некар играше цврсто и агресивно во одбраната и не дозволи да потклекне во пеколната атмосфера во „Јане Сандански“. Но само во првите 30 минути.
Беа приморани да ја бркаат негативата од -2, и во два наврати израмнуваа. Второто водство во првиот дел го имаат на 2 минути до крајот, но Вардарци на брзина израмнија за 13:13 на паузата. Одлично полувреме имаше Штербик кој им скроти 8 удари на Германците.
Стартот од вториот дел мина во знакот на само еден тим, Вардар. Штербик продолжи во ист стил, а тоа неговите колеги го наградија со фантастична серија од 5:0 за 19:14. Првите голови ги запишаа Токсиќ и Шишкарев.
По тоа резултатско одлепување работите одеа полесно за Вардар. Реномираниот Бундеслигаш не успеа да најде лек за нашите мотивирани ракометари и ниту да се спушти под -4. Во 51 минута Сергеј Горбок ги постигна првите голови против својот довчерашен клуб за највисока и недостижна предност од 25:18.
9 минути беа премалку за екипата на Рајн Некар да се врати на овој натпревар, особено против извонредниот Штербик кој го заврши мечот со 14 одбрани. Германците успеаа само да го ублажат поразот за конечни 28:25.
Најдобри во нападот на Вардар беа Брумен со 6 и Душебаев и Карачиќ со по 5 гола. Следната пречка им е Монпеље на гости на 19 октомври.