Ракометната мисија продолжува, Македонија оди на Европско

Македонската ракометна репрезентација ја декласираше Литванија и се пласираше на Европското првенство 2026. Новиот јануарски ракометен празник е закажан во Данска, Норвешка и Шведска.

Ракометарите на Македонија ја совладаа Литванија во клучниот натпревар од квалификациите со 26-17 (13-11) и се пласираа на осмото Европско првенство во низа, вкупно деветто.

Нашата репрезентација го оправда фаворитскиот статус, одигра фуриозно второ полувреме и го декласира ривалот покажувајќи сила кога е најпотребно.

Момците на Кире Лазаров лошо го отворија мечот, беа во грч, имаа четири нерализирани напади, а на другата страна Литванците после 8 минути игра поведоа со 0-4.

Лазаров свика тамј-аут, капитенот Филип Кузмановски го постигна првиот гол, (од 7 метри), Митревски запиша одбрана, а Мартин Ивановски намали 2-4 во 10 минута.

Осум минути подоцна, Македонија со серија од 3-0 успеа да израмни на 6-6 со Серафимов, Костески и Лазаревски.

Првото водство изнесуваше 10:8, разлика со која заминавме на пауза и која беше доволна за пласман на Европско.

Второто полувреме тргна перфектно за нас, погодуваа Лазаревски, Серафимов и Џонов од контра за 16-11.

Македонија беше доминантна и во еден момент имаше највисоки +10. Околу 6.000 навивачи во салата Јане Сандански го славеа пласманот на Македонија на ЕП, која го продолжува континуитетот на големите натпреварувања.

Мартин Томовски беше извонреден со 11 одбрани и фантастични 55% успешност, додека во нападот најефикасни беа Кузмановски и Серафимов со по 5 гола, пред Пешевски и Џонов со по 3 погодоци.

11 мај 2025 - 19:31