Ракометен спектакл на фудбалски стадион

Ракометниот клуб Копенхаген и актуелниот европски првак Барселона, својот четвртфинален натпревар од Лигата на шампиони ќе го одиграат на фудбалски стадион.

Данскиот шампион веќе го има срушено светскиот рекорд за бројот на гледачи на еден ракометен клупски натпревар. Минатата година тие на последниот натпревар од данската лига на стадионот „Паркен" го пречекаа Силкеборг пред 36.651 гледач.

Овој пат тие ќе го срушат рекордот на ракометната Лига на шампиони и четвртфиналниот натпревар против Барселона ќе го одиграат на истиот стадион, но со смален капацитет.

Организаторите планираат да ги прилагодат местата за седење за сите навивачи да имаат добар преглед од сите агли, па ракометниот терен ќе биде поставен пред една од трибините. Затоа капацитетот за овој натпревар ќе биде „само" 22.000 гледачи.

29 март 2012 - 09:47