Премиерна победа на Металург во ЛШ

По поразите од Монпеље на гости и Бешикташ дома, ракометарите на Металург стигнаа до првите бодови оваа сезона во елитното натпреварување. И покрај шпекулациите за неговото заминување, Лино Червар се врати од Загреб за мечот против Спортинг.

Македонскиот вицешампион конечно фати ритам, успеа да застане на нозе и да стигне до толку посакуваната прва победа во новата сезона 2017/2018 од Лигата на шампионите.
 
Избраниците на Лино Червар одиграа храбро и полетно и сосема заслужено го совладаа Спортинг во меч кој не беше лесно да се добие.
 
Резултатски Металург го имаше под контрола речиси целиот меч со исклучок на првите 10 минути кога Спортинг на два пати водеше минимално. Но потоа Червар ја постави цврсто играта во одбрана и на полувреме стигна до солидни 17:13.
 
Металург го одржуваше водството од 3-4 гола разлика и играше борбено, а малата криза во играта придонесе враќање на неизвесноста на само гол разлика, најпрвин во 51-ва, а потоа и во 57-ма минута.
 
Сепак момците на Червар не ја прокоцкаа победата и по двата чисти промашени шанси, Илиќ со гол на минута до крајот погоди за +2 кои гостите од Португалија немаа шанси да ги анулираат. Спортинг успеа да постигне погодок и конечниот резултат е 28:27.
 
Филип Кузмановски постигна 6 гола, Давор Палевски 5, а Арсениќ ја заврши средбата со 12 интервенции.
 
Во 4. коло на 8 октомври Металург му гостува на Мотор Запорожје.
30 септември 2017 - 19:12