Ракометарките на Вардар повторно сезонава не ја оправдаа фаворитската улога и поразени се враќаат во Скопје.
На премиерниот натпревар од втората фаза во ЛШ, Вардарки одиграа далеку под своите можности и бодовите за пласман на финалниот турнир ќе треба да ги бараат веќе од следното коло. Вардарки одиграа добро само во почетните 13 минути кога за првпат стекнаа предност од 4:6 и имаа уште неколку напади со ракометарка повеќе, но не ги искористија за поголема позитива.
По истекот на 16. минута, Лајпциг успеа да го сврти резултатот, благодарение на голманот Шулке, која неколку пати одбрани чисти удари на Пенезиќ, Лазовиќ и Радичевиќ. Германките на паузата заминаа со три голови предност, 13:10. Ништо ново по Вардар не најави ниту вториот дел, затоа што ритамот на играта целосно им опадна, а Лајпциг ги стопираше сите напади на Скопјанки да стигнат до поволен резултат.
Вардар на минус 2 се врати на половината од вториот дел (20-18), но немаа доволно сили да направат целосен пресврт и да извадат позитивен резултат. Германките сигурно го затворија мечот 26:23 и заслужено ги освоија бодовите, кои Вардар ќе ги бара следниот викенд против Словенечкиот Крим.
Се остварија најавите на тренерот Индира Кастратовиќ дека Кудлач е најопасна ракометарка на Лајпциг. И покрај „фластерот" од Сираба Дембеле, Кудлач го заврши мечот со 7 постигнати голови. Ланг постигна 5, колку што имаше и Шулце. Голманот Шулке имаше 14 одбрани и беше одбрана за играч на натпреварот. Кај Вардар, Андреа Лекиќ даде 6, а Андреа Пенезиќ 5 голови.