Ракометарите на Македонија не успеаја на неколку наврати да ја искористат предноста од ракометар повеќе и направија дури 13 грешки по што беа казнети од Унгарците и визата за Лондон ќе треба да ја заверат преку Шведска и Бразил.
На самиот старт на натпреварот не искористиме предност од дури два ракометари повеќе, а за прв пат во водство, најмногу благодарение на трите гола на Мојсовски, дојдовме во седмата минута (3:4).
Во 18-та минута со голот на Миркуловски, нашата ракометна репрезентација за прв пат дојде до предност од три гола - 6:9, а потоа и 7:10.
Но потоа следеше лош период на нашата репрезентација, а Унгарија со серија од 6:1 поведе со 13:11. Тоа беа лоши 10 минути игра на македонските ракометари во кои немаа одговор на 41-годишниот ветеран Карлос Перез. На полувремето резултатот гласеше 15:13 во корист на Унгарија.
Најефикасни по првиот дел беа Мојсовски со 5 и Лазаров со 4 гола, а Борко Ристовски одбрани 8 удари кон неговиот гол.
Унгарците по 10 минути игра во второто полувреме за прв пат поведоа и со 3 разлика (19:16), а во 43-та минута со играч помалку губевме и со 21:17.
На 10 минути пред крајот на натпреварот со трите гола на Златко Мојсовски, Македонија направи мини серија и намали на 23:22.
Ракометарите на Унгарија повторно се вратија во водство од 3 гола, но во 58-та минута Македонија повторно стигна до 1 разлика (27:26).
Сепак нашите ракометари и со играч повеќе во последните 2 минути немаа сили за дополнителен подвиг. Унгарија на крајот славеше со 28:26.
Најефикасни во редовите на нашата репрезентација беа Лазаров со 7 и Мојсовски со 6 постигнати гола, а Ристовски натпреварот го заврши со 12 одбрани.
Утре се среќаваме со домаќинот Шведска во 16 часот, а во недела во 14:45 е дуелот со Бразил. Двете првопласирани репрезентации од овој квалификациски турнир ќе се пласираат на Олимписките игри во Лондон.