Во нова гарнитура, црни дресови, Македонија го отвори мечот со гол на Мартин Поповски од крило само неколку секунди откако Дарј доби исклучување поради груб прекршок.
Од старт беше јасно дека акцент на нашата ќе игра ќе бидат што поконкретни асистенции до Стоилов на пивот, но Норвежанецот на клупата на Шведска, Солберг брзо прочита па Скандинавците згуснаа редови околу нашиот центар.
Шведска со поголема ангажираност го користеше брзиот центар, постигна 5 гола од 5 обиди и почна резултатски да се одлепува. Но по сјајната асистенција на Лазаров до Пешевски кој го постигна првиот гол на мечот се вративме на 8-8, наше прво израмнување по неколкуминутна негатива.
Швеѓаните речиси сите голови во првиот дел ги постигнаа после брз центар или по експресни контри и полу-контри, нешто за што во голема мера придонесуваа и нашите ракометари кои не се враќаа брзо во одбрана.
Митревски, кој ја игра најдобрата сезона во кариерата, вечерва се разбуди кон 15' минута кога со 2 врвни одбрани ги поддржа соиграчите да држат каква-таква резултатска рамнотежа.
Ривалот, кој во Египет дојде без речиси сите стандардни ракометари беш мошне конкретен во офанзивата, најчесто реализираа преку 27-годишниот рутинер на Флензбург, Хампус Ване кој после 20 минути игра имаше дури 6 гола. 4-кратниот светски шампион во 22' минута осетно избега на 5+ (14:9).
Пеналот кој нововлезениот Томовски го одбрани во 25' минута донесе позитива во нашите редови, па брзо ја поправивме состојбата и намаливме на 14:11. Селекторот Брестовац ротираше, но во завршницата од првиот дел не искористивме неколку убави шанси да се вратиме.
Швеѓаните практично ги наплатија сите технички грешки, загубени топки на нашите репрезентативци и на пауза се отиде со 16-11. Искористија сè што Македонија им дозволи и со конкретна игра од транзиција, рутински ја чуваше предноста до полувремето (16-11)/
Шведска имаше дури 6 од 7 брзи голови, а Македонија ниту еден во првите 30 минути и овој параметар најдобро ја отслика состојбата во првиот дел. Лазаров постигна 4 (3 од пенал), Мартин Поповски и Стоилов по 2, Цветан Кузманоски забележа дебитантски гол. Кај противникот, Ване даде 6 гола, Персон 3, Дарј 2. Паличка имаше 5 интервенции, а Митревски 4.
Бледо го започнавме и вториот дел па скандинавскиот тим со 3-0 серија отиде на највисоки 19-12 по само 4 минути игра. Шведска практично го реши прашањето на победникот во 38' минута од мечот кога со +9 (22-13) ги отстрани сите наши надежи дека можеме до поволен резултат.
Вечерашниот наш ривал од 41 до 49 минута не постигна ниту еден гол но тоа ни малку не влијаеше на промена на резултатот. На крајот 32-20.
Најефикасен во нашата селекција беше Лазаров со 5 погодоци, по 2 дадоа Стоилов, Пешевски, Поповски, Танкоски и Костески, а по 1 Георгиевски, Цветан Кузмановски, Никола Марковски, Дарко Георгиевски и Велковски. Играч на мечот беше Ване со 11 погодоци, а Персон додаде 6 кај Швеѓаните кој во 2. коло играат против аутсајдерот Чиле.
Шведска и Египет се на првите 2 места со по 2 бода, Чиле е трет, Македонија четврта. Следниот дуел го играме против домаќинот Египет во сабота од 18:00 часот.