Полска ни се лизна од раце

Македонската ракометна репрезентација повторно одигра одличен и борбен натпревар на Европско првенство, а овој пат за разлика од мечот против Франција испушти последен напад за нерешено против домаќините.

Македонија и Полска тргнаа со цврста игра во одбраната и тоа беше сосема дијаметрален натпревар на почетокот од она што го гледаме на првиот меч против Франција. Пољаците први го отворија резултатот, а Кире Лазаров израмни со удар од 9 метри.
 
Првата ситуација кога бевме со играч повеќе ја искористивме максимално и поведовме со 3:2. Борко се разбрани на стартот и во првите 12 минути спречи четири напади, а Македонија ја продолжи серијата и ја замолчи салата во Краков со одлични 6:2. 
 
Полска се освести и намали на -2, но Обрван во игра го стави Влатко Митков кој реализираше во два напади по ред. Нашите ракометари во 21 минута го заработија првото исклучување, но не го испуштија водството.
 
Марковски се врати во игра, а потоа следуваше второ исклучување за домаќините. Од тоа повторно профитиравме со два кој ги постигна Прибак за ново водство од +3 на 4 минути до крајот на првиот дел.
 
Финишот од првото полувреме беше драматичен во кој Манасков испушти три шанси за да го задржиме водството од три гола. Во првите два наврати направи пресврт, а во последниот напад не успеа да погоди. Првото полувреме го добивме и со игра и со резултат 13:11.
 
Второто полувреме не го почнавме во ист стил, а Пољаците во 37 минута направија прво водство со серија од 5:2. Се водеше тешка битка со малку голови во која бркавме негатива од -1. Контролата над играта ја загубивме, а Полска во 48 минута со играч помалку стигна за прв пат до +2.
 
Обрван свика тајм аут откако го забележа падот во нашата игра, но потоа Лазаров промаши пенал, а Миркуловски направи пробивање. На -1 не врати Стоилов кој изнуди ново исклучување, но не го користевме тоа како претходно. 
 
Полска влезе во ритам и стигна до највисоко водство од +4, но Македонија успеа од загубен меч да стигне до -1 и да заработи напад од 15 секунди кој го прокоцка за реми. На крајот конечниот резултат беше 24:23.
 
Кире Лазаров постигна 8 голови, Миркуловски 5, а Борко Ристовски го заврши мечот со 10 интервенции.
 
Македонија во вторник го игра третото клучно коло против Србија за пласман во следната фаза.