Пикантерии од кариерата на Темелковски кој има играно европско финале пред 15.000 гледачи

Со популарниот Икиќ се врзани најголемите успеси во македонскиот репрезентативен ракомет. Но малку се знае за неговата играчка кариера. Кога отишол во Вардар, во населбата Пролет избила револуција. Во сандаче наоѓал по 50 писма од навивачи.

Покрај за тренерската, Илија Темелковски во подкастот „Само ракомет“ пред две години раскажа и многу интересни случки од играчката кариера. Бил 10 години дел од Пролет, паралелно и член на младинската репрезентација на Југославија со која освоил балканско првенство и турнир Карпати во Романија. Тогаш одбил понуди од Дубочица, Црвена Ѕвезда, Железничар Сараево, Црвенка кои биле прволигаши.

Откако со Железничар Ниш го освоил Купот на Југославија, играл финале во Купот на Куповите на победниците во Дортмунд пред 15.000 публика. 50 минути играле со играч помалку и загубиле тесно 15:13.

На 32 години заиграл во Италија, ама од втора мајка. Првиот пат останал без договор поради тоа што неговиот менаџер ги лажел Италијанците за сумата, за да извади два пати повеќе од вредноста на Икиќ и да ги стави парите в џеб.

Во тоа време во било кој спорт до 28 години не смеело да се напушта Југославија и да се игра во странство. Темелковски на 29 години заминал на проба во Шпанија и за влакно не заиграл заедно со Талант Душебаев. 

За трансферот од Пролет во Вардар

Кога отидов во Вардар заминавме на припреми во Полска. Во населбата Пролет изби револуција. Икиќ отишол во Вардар. Ѓубре, ваков, таков, како не му е срам, најголем душман ни е Вардар, тој отишол таму. Во сандаче наоѓав по 50 писма од навивачи. Тоа беше невиден притисок, не можев да го издржам и се вратив во Пролет. Следната година, 1977-ма ослабе Пролет, некои играчи заминаа во Вардар и јас без проблем заминав во Железничар Ниш.

Успесите со Железничар Ниш и финалето 50 минути со играч помалку 

Во Железничар останав две години. Освоивме Куп на Југославија, завршивме четврти во југословенско првенство и игравме финале во Купот на Куповите на победниците во Дортмунд. Загубивме 15:13, а хендикеп беше што уште во 10 минута Драгослав Павловиќ удри со лакт играч и доби црвен и ние 50 минути игравме со играч помалку. Тогаш немаше правило на замена. И покрај тоа загубивме 15:13 и бевме блиску. Но сепак игравме пред 15.000 публика. Потоа имав тешка повреда на левото рамо и три години не можев да шутнам топка. За да го одморам рамото и да се излечам заминав во војска и кога се вратив повторно имав проблеми. Ми правеа големи третмани, ме носеа во Белград и каде уште не, само за да заздравам. Потоа морав да заминам од Ниш бидејќи не можав да играм и во 1980-та потпишав за Работнички со кој бевме блиску да влеземе во прва југословенска лига. Но наместо нас влезе Трепче од Косовска Митровица.

Пробата во Шпанија каде за малку ќе играл заедно со Душабаев 

На 29 години отидов на проба во Тека од Сантандер, а таа година таму дојде да игра Талант Душебаев. Имаа право на четири или пет странци. Одиграв 50-50, бидејќи тоа беше летен период и не бев доволно спремен. Бараа да потпишам договор на две години, а мене од работа ми даваа само една година. Но принципот на Шпанците е најмалку две.

Италијанската авантура каде првиот пат бил одбиен поради обид за измама на менаџерот

Следната година бев во Конверзано, Јужна Италија. Одиграв добар пробен натпревар, но излезе дека сум многу скап играч и потоа разбрав дека мојот менаџер ја качил цената два пати повисока за да стави пари во џеб. Но потоа добив позив од северот на Италија од Болцано каде поминав без проблеми. Одиграв одлично, дадов 16 гола и се знаеше дека ќе поминам. Потпишав договор, примањата беа скромни, немаше многу пари во тоа време, а лигата им беше полоша од македонската. Тоа што многу ми пречеше да не можам да се докажам е што максимумот во една екипа беше еден странец. 

Како ја почнал тренерската кариера?

После Италија играчката кариера ја завршив во Вардар на 36 години. Се пробав малку во бизнис, отворив две текстилни продавници и повеќе немав мотив да играм во македонска лига, односно меѓурепубличка Косово, Македонија и Црна Гора. Кога завршив му станав помошник на Ристо Трпчевски кој беше тренер во Вардар, а едно време тој се тргна и јас во таа меѓурепубличка лига станав и тренер на Вардар во 1987-ма.

Пеколното темпо на СП 2009 на кое Кире Лазаров ослабел 7 кила.

На СП 2009 игравме 11 натпревари, секој ден без пауза. Немаше одмор. Се сеќавам дека некои играчи симнаа по 4-5 кила. Кире Лазаров на тоа Светско симна 7 кила. Да бевме комплетни ќе направевме и подобар резултат, но кога се префрливме во вториот круг во Задар, на првиот меч со Норвешка ни се повредија Наумче Мојсовски кој скрши палец уште во прво полувреме, а Стефче Алушоски скрши две ребра. Во тој втор круг со сите три репрезентации имавме водство на полувреме и тоа против Норвешка, Данска и Србија. Бевме многу истрошени со тенка клупа, а тогаш ростерот беше 14 играчи од кои двајца голмани. Значи со двајца повредени ние имавме 10 играчи. Издржувавме во прво, ама паѓавме во второ полувреме.

Почина Илија Темелковски, човекот кој зареди историски успеси со Македонија

13 октомври 2025 - 14:30