Дека неделната вечер ќе биде пријатна за Металург покажа новото засилување Словенецот Александар Шпенде, едно од трите нови засилувања во составот покрај Гонзало Рибеиро и Миха Пучник, кој го отвори мечот со гол.
По воведното испитување на силите, гостите од Русија стекнаа минимална предност од еден гол која Металург првпат ја анулираше во 6’ минута кога со вториот гол на Димитар Димитроски поведе 4-3.
Откако првите петнаесет минути ги поминаа на клупата, новите ракометари Пучник и Рибеиро влегоа во игра, а со голот на вториот, скопскиот клуб поведе 9-8. Следуваше период во играта во кој Металург како да почуствува дека овој натпревар е прав момент за прв триумф во Европа сезонава.
На 2+ (10-8) тимот од Автокоманда отиде со убавиот погодок на Анте Токиќ, а на другата страна од теренот Никола Даниловски влезе во ритам и се покажа како добар грб на своите соиграчи.
На десет минути пред крајот од првиот дел, Металурзите направија фуриозна серија со пет погодоци едно по друга и стекнаа водство од 13-8, а потоа и 15-10. Добрата форма ја потврди и Мартин Томовски кој одбрани пенал и македонскиот вицешампион во соблекувална на паузата однесе 6 гола предност (16-10).
Ако на претходните натпревари добрата игра во првите 30 минути лесно им паѓаше во вода во вториот дел, овојпат ракометарите на Металург не ја испуштаа предноста. Само еднаш Русите се приближија на 18-13 и 21-17, но до крајот Металург сигурно ја чуваше позитивата и заслужено ја прослави првата овосезонска победа во Лига на шампиони 25-24.
Најзаслужни за првиот триумф на Металург беа голманот Никола Даниловски со 16 одбрани од кои дури 12 во првите 30 минути. Димитар Димитроски постигна пет голови а четири дадоа Серафимов, Шпенде и Токиќ. Во гостинскиот состав Тимофеј Маслеников најефикасен со седум гола.
Металург за четири дена го пречекува Спортинг Лисабон.
Фото: Рк Металург/Екипа.мк