Чуварот број 1 на македонската репрезентација кој беше меѓу петмината ракометари кои добија позитивните тестови на Ковид, сега излезе дека е негативен.
Пресвртот се случи многу брзо и се претпоставува дека Митревски на тестирањето на 10 јануари бил лажно позитивен.
Тоа е топ вест за селекторот Кире Лазаров, а секако и за Мартин Томовски кој остана сам на голот, бидејќи и Марко Кизиќ е позитивен, па мораше дополнително да се повикаат голманите Благојче Трајковски од Еурофарм Пелистер 2 и Градимир Чаневски од Бутел, кои не беа дел од подготовките.
Сега се чека каква одлука ќе донесе Европската ракометна федерација, која воведе правило секој позитивен да биде пет дена во изолација, а потоа за настап да прикаже два негативни теста.
Митревски ќе го пропушти денешниот натпревар против Словенија, но ако добие побрзо дозвола за настап, тогаш веднаш би тргнал за Дебрецин за второто коло со Црна Гора кое се игра во сабота.
Останатите ракометари кои останаа во Скопје поради Ковид се Гоце Ојлески, Марко Кизиќ, Михајло Младеновиќ и кондициониот тренер Петар Баснарков.