Македонската ракометна репрезентација го одигра најочајното Светско првенство кое ќе сакаме што побрзо да го заборавиме бидејќи беше мачно за гледање.
И на третата пресметка против Аргетина која беше најреална да ја добиеме и да одиме во следната фаза, доживеавме дебакл со резултат 35:26 и за прв пат во историјата на Мундијалите ги губите сите три меча во прва рунда.
Но она што најмногу загрижува е мизерната и ужасна игра и нејсвојствено лошиот пристап на ракометарите, без разлика на подмладеноста и седумте дебитанти. Сепак имавме и искусни ракометари кои не одиграа ништо.
Избраниците на Кире Лазаров и на овој меч беа индиспонирани и очајни во сите сегменти од играта. Во напад целосно безидејни без никаков проток на топка и со индивидуални решенија на сила, а во одбрана без концепција и цврстина. Фаул не направија.
Рамноправни беа само во првите 6 минути, што е срамота да се каже, кога се грешеше на двете страни и резултатот беше 1:1. Потоа се играше гол за гол до 3:3 и од тој резултат на паркетот имаше само една репрезентација. Аргентина.
Мислиш игравме против светскиот шампион во фудбал. Секој напад ни даваа гол, како да играат против најслабата ракометна селекција на планетата. 9:4, 10:5, па се до 18:11 на полувреме, идентичен резултат како против Норвешка и Холандија после првите 30 минути.
Односот кон националниот дрес во првото полувреме и целосно на сите три меча, не ни даваше 1% надеж дека може да направиме пресврт во вториот дел.
Наместо во Катовице, Македонија заедно со последнопласираните од останатите групи ќе патува во Плоцк на Президент купот, каде ќе се бори за пласман од 25 до 32 место.
Првиот меч го игра против Алжир на 19 jaнуари.