Првиот специјализиран македонски сајт за ракомет има опширно интервју со Илија Темелковски, наше звучно тренерско име со голем стаж, кој ги направи најдобрите успеси со македонските национални тимови.
Беше 10 години во низа дел од репрезентативниот ракомет 1999-2009, а генерацијата составена од Лазаров, Мојсоски, Јоновски, Ристовски ја водеше прво во младинската, а потоа и сениорската репрезентација.
Со нив го освои четвртото место на ЕП 2002 во Полска и за влакно не стигна до финале, а 15 години подоцна со скроз друга генерација на младинци повторно испиша историја, а тоа е шесто место на СП 2017 во Алжир.
За 24 ракомет Ико раскажува случка од Европското првенство во Атина 2000, малку или можеби сосема непозната во јавноста, кога Кире Лазаров како младинец претерал и не сакал да ги чуе насоките од селекторот.
„На првенството во Атина 2000, се случи пресврт меѓу мене и Кире Лазаров со кој му помогнав во кариерата. На тоа ЕП Кире замина со голем, неспорен квалитет како млад играч од 19 – 20 години и мислеше дека ќе биде главен играч, но не беше психолошки подготвен. Уште на првиот меч со Унгарија си земаше преголема слобода да шутне од неизградена позиција и во еден момент побарав измена. Не ме послуша и изреагира во стилот „остави ме да играм, не ме зафркавал“ и не излезе.
По мечот веднаш свикав состанок на кој побарав да биде отстранет од репрезентација и да си оди дома. На тие години некој така да се однесува кон селектор нема прошка. Го спаси тоа што во Атина отпатуваме како група со список и мораше така и да се вратиме назад. На негова позиција ги имавме и Мајнов, Митков, не беше незаменлив. Од таа причина остана, се извини, имавме разговор еден на еден, но на следниот меч остана на трибини, тоа беше казната. Потоа беше ставен на тест, каде што му беше распоредена минутажата со другите, влегуваше и излегуваше од игра и потоа ги почитуваше одлуките. Си ја сфати грешката. Со Кире минавме 20 години во репрезентацијата и ден денеска ми го памти тоа“.
Темелковски зборува и за конфликтот со Раде Стојановиќ. Целото интервју тука.