Ракометарите на Вардар не успеаа да ја сочуваат победничката серија и да останат единствениот тим без пораз сезоната во групната фаза од Лигата на шампионите. Еден од главните проблеми за овој меч беше отсуството на Арпад Штербик кој заедно со Деревен, Душабаев и Стоилов поради повреда не отпатуваа во Данска.
Вардарци добро го почнаа мечот, но функционираше само нападот. Првото водство го имаа во 10 минута со двата гола на Тоскиќ, а во 18 минута Горбок и Дибиров ја донесоа првата предност од два гола.
Нејсвојствено за ракометот Вардарци во првиот дел немаа ниту една интервенција и тоа беше причината што не успеаа да ја сочуваат предноста. Од спротивната страна Расмунсен одбрани во два напади по ред и Колдинг во последните минути направи пресврт и на пауза водеше 17:15.
Првата одбрана Вардар ја забележа во 35 минута кога Петар Ангелов беше меѓу стативите, а потоа со серијата од 3:1 и погодокот на Македа стигнаа и до израмнување 18:18. Но избраниците на Гонзалес не успаа да се изборат за пресврт, а Андерсон со два гола го врати Колдинг на +2.
Во 41 минута останавме без Ален Тоскиќ на кој му ја пукнаа аркадата, а од спротивната страна Јоргенсен доби црвен картон откако заработи трето исклучување. За одбележување на овој меч е и првиот погодок оваа сезона за Лацковиќ во ЛШ кој намали на -1.
Но Вардар и натаму не личеше на оној тим како од претходните средби, а на големи маки беше во 51 минута кога имаше две исклучувања. Данците тоа го искористија за да стигнат до највисоки +4.
Тоа беше солидна предност која се покажа како недостижна за Вардарци кои не можеа да ја вратат неизвесноста и успеаа да намалат само до -2. На крајот Колдинг до прв триумф стигна со конечни 33:31.
Во следното коло Вардар се враќа во Јане Сандански каде гостува силниот Кјелце од кој беше елиминиран минатата година во четвртфинале.