Незаборавната одбрана на Борко по која почна македонската ракометна бајка

Видовме многу, доживеавме, уживавме, се гордеевме, се радувавме, а и се нервиравме со нашите ракометни јунаци изминатава декада. Но ајде да се потсетивме кога и како почна таа треска која потоа удри силно, со континуитет.

Лентата ја мотаме во јануари 2008, месец кој веќе по традиција е резервиран за ракомет и тресење пред телевизор дали ќе им тргне на Кире и дружината.

Добро е што имаме видео, како доказ дека уште од тој ден почнале да не навикнуваат дека ќе ги гледаме со препотени раце и возбуда која ни дијазепам не ја смирува.

Се работи за квалификациски меч против Португалија на кој се боревме да влеземе во бараж за Светското 2009 во Хрватска. Дома ја совладавме 31:26, резултат кој мислевме дека е доволен, но во Гимараеш бевме речиси елиминирани. Доволно е. Ајде сега клик на видеото.

Како што чувте и од коментаторот Марјан Ников, пирова победа на Португалија и 17 интервенции на Борко Ристовски, кој ја однесе Македонија во бараж, а таму во двомеч падна Исланд и по 10 години пауза, македонската химна ја слушнавме на Мундијал.

„Со едно другарство и со една атмосфера во репрезентацијата и со луѓето од федерацијата, направивме една атмосфера која за мене беше клучна во тој пласман во баражот“, изјави Борко Ристовски.

„Победата против Португалија можам да кажам дека е еднаква на бараж, ја имаше таа силина овој двомеч“, вели Филип Миркуловски.

„Се боревме, видоа луѓето од федерацијата, беа со нас, видоа што се владее во таа репрезентација. Сега сме на потег да направиме добри припреми, со малце поголема среќа, за тој ждреб во јуни. Сите дишевме како еден, бевме прави Македонци во тие денови“, вели Ванчо Димовски.

„Ценејќи ги и гледајќи ги овие резултати низ овие квалификации и овие генерации што на некој начин се костурот на репрезентацијата што јас ги носев две години на два пати на Европско првенство во јуниорско, сега се веќе сениори, се покажа како спој. Нивното другарство и мојата поставеност спрема тие играчи се надевам дека сето тоа ќе влезе во една игра, па ако се реши управниот одбор и федерацијата за мене, ќе продолжам и понатаму“, изјави селекторот на ракометната репрезентација на Македонија, Илија Темелковски.

Серијата потоа веројатно ви е позната, а тоа се девет настапи на големите натпреварувања од можни десет: Пет учества на Европските првенства и четири на Светските. Најдобрите успеси ги направија на ЕП 2012 каде завршија на историското 5 место и на СП 2015 на 9-то.

Останатото е историја.