Ракометна Лига на шампиони

Неискуството пак ги чинеше, Металург поразен во Романија

Ракометарите на Металург во неизвесен натпревар против романскиот Баја Маре го претрпеа третиот пораз во Лигата на шампионите 21:20 (10-9).

По патешествието во Норвешка и гостувањето во Охрид, Металург денес одново играше на гостински паркет, во Романија натпревар од петтото коло на ЛШ. По половичниот успех после триумфите над Елверум и Шафхаузен и поразите од Мотор и Скјерн, Металург не успеа да освои бодови против Баја Маре.
 
Одбраната, како препознатлив знак на Металург под водство на Червар функционираше сосема пристојно на стартот од мечот и Металурзите беа во резултатски егал. Од друга страна, нападот скромен и неефикасен за што покажа и само едниот гол за цели 10 минути во првиот дел.
 
До првата сериозна предност, Романците стигнаа во 20-та минута од првото полувреме кога поведоа 9-6. Сепак, Металург прибрано ги одигра последните пет минути пред паузата и намали на 10-9, резултат со кој се замине на полувреме.
 
Домаќините се обидуваа да се одлепат резултатски на стартот од второто полувреме, но тимот од Автокоманда не се предаваше и враќаше на секој гол на Баја Маре. Резултатската клацкалица и одличниот голман Даниел Дупјачанец му овозможија на Металург напад во финишот за бод, но со 18-та загубена топка при неспретниот напад на Лука Мраковиќ, домаќините ја сочуваа победата. Следуваше големо славје на околу 4.000 домашни навивачи.
 
Даниел Дупјачанец имаше 17 одбрани, 3 одбранети пенали од вкупно четири на Баја Маре. Јанко Божовиќ беше најефикасен кај Металург со 8 погодоци. На табелата, Скјерн е прв со 8 бодови пред Баја Маре со 6. Металург е четвртопласиран со 4 бодови од 5 натпревари.
 
Баја Маре е следниот противник на Металург, на 25. октомври во реванш дуелот во Скопје.