Ракометарките на Вардар со 6 бода се наоѓаат на втората позиција во групата и им е потребно само реми во последното коло против последно пласираниот Савехоф со кој ќе обезбедат пласман помеѓу најдобрите 4 екипи од Европа.
„Сите знаеме од колкаво значење е овој натпревар во недела и се подготвуваме максимално за да не дојде до никакво изненадување. Полека, но сигурно влегуваме во ритам кој треба да донесе позитивен резултат. Девојките се професионалки, знаат колку е значаен овој меч. Се надевам дека ќе имаме полна сала и ќе го прославиме влезот во фајналфор“, изјави Индира Кастратовиќ.
„Ова за нас ќе биде последен натпревар на домашен терен. Убаво ќе биде со победа пред полна сала да заминеме на завршниот турнир. Ова е важен натпревар за која работиме целата година. Очекувам два бода и пласман на „фајнлфор“, рече Французинката Сираба Дембеле.
Последниот меч пред своите навивачи во Лигата на шампионите Вардарки го играа во недела со почеток од 18 часот, а завршниот Ф4 турнир е закажан за во Будимпешта на 4 и 5 мај.