„На Европското е хаос, како воопшто да играме?“

Само неколку репрезентации кои ќе играат на Европското првенство во Унгарија и Словачка немаат позитивни случаи во стручниот штаб или меѓу ракометарите. Македонија остана без најважната карика, голманот Никола Митревски и без уште четворица други кои беа позитивни.

Селекторите на ракометните репрезентации кои ќе играат на Европското првенство во Унгарија и Словачка се соочуваат со проблеми пред стартот.

За ова на својот Твитер профил пиша селекторот на Србија, Шпанецот Тони Џерона кој е револтиран од организацијата.

„Хаотична организација на Европското првенство. Луѓе без маски во иста просторија со репрезентациите, нема тестови за сите селекции, се доцни со тестирање.... Резултат - некои играчи веќе се заразаени. Како воопшто да играме“?, прашува Џирона.

Претходно шокирани од организацијата беа и Французите, повеќекратни европски, светски и олимписки шампиони. Нивниот лидер Никола Карабатиќ вели:

„Бевме зачудени, па дури и шокирани што гледаме гости во хотелот без маски. И уште би требало да јадеме заедно со нив“, изјави ракометарот на ПСЖ.

На него се надоврза и голманот на Франција Венсан Жерар:

„Некои луѓе беа во костуми за капење. Во таква ситуација тешко да избегнеме позитивни случаи и не знам дали е ова одраз на почит кон играчите кои дадоа се од себе за да учествуваат на првенството“, прашува Жерар.

Селекторот на триколорите, Гиљем Жил изјавил дека целосно неприфатлива е таквата организација. Французите во Сегедин дојдоа без повредените Недим Ремили, Тимоти Н’Гесан, Лука Карабатиќ и Елоим Пранди. Наместо нив во составот се повикани Роман Лагарде, Ајмерик Мине и Карл Конан. Репрезентацијата на Хрватска остана без своите лидери Домагој Дувњак и Лука Циндриќ, а позитивен бил и Марко Мамиќ.

Франција е во група со Србија, Хрватска и Украина. Французите отвораат во четврток од 20:30 часот со Хрватска која исто така има позитивни случаи, а Србија и Украина ќе играат од 18.

12 јануари 2022 - 15:19