ФТЦ Будимпешта беше противникот на ЖРК Вардар и на стартот на ланската сезона, но тој напревар кој се одигра на 14 октомври во Јане Сандански заврши 27:27, а Индира Кастратовиќ заработи отказ.
Дека се работи во разлика на класи, македонскиот шампион покажа и на ланскиот реванш во Унгарија каде славеше со +13 и на вечерашната средба која ја доби со 34:31. Резултатот не е оној што очекувавме дека на крајот ќе го видиме на семафорот бидејќи на 10 минути до крај предноста беше +10.
Гостинките ја казнија максимум што можеа недисциплината на избраничките на Дибирова кои не ја сочуваа високата предност и од 48-ма минута па се до звукот на сирената направија серија од 9:2.
ЖРК Вардар практично средбата ја реши во првиот дел кој го одигра моќно и го доби со 20:11. Клучниот период на мечот беше од 17-та до 25-та минута кога го торпедираа ФТЦ и направија серија од 8:0.
Најпрецизни ракометарки на средбата беа Цвијиќ и Лекиќ со по 7 погодоци, а Пенезиќ и Лакрабеле по 6.
Вардарки ќе се обидат по петти пат во низа да се пласираат на Ф4 во Будимпешта, нешто што не му успеало на ниту еден клуб. Три пати стигнуваа до полуфинале, а лани беa поразени во финале.
Во второтo коло кое се игра на 15 октомври, ЖРК Вардар му гостува на Турингер.