Спортинг и Металург одиграа натпревар без никакво резултатско значење во групата Д, бидејќи и двете екипи ги завршуваат натпреварите во ЛШ, но сепак мечот понуди интересна ракометна претстава полна со пресврти.
Првото полувреме, како и многу пати оваа сезона, му припадна на тимот од Автокоманда кој на стартот поведе 1:5. Португалците се освестија, влегоа во ритам и успеаа да го свртат резултатот на +2, но играта „седум на шест“ функционираше одлично кај Металурзите во првиот дел, кои на пауза заминаа со предност од 12:15.
Добрата игра на македонскиот вицешампион траеше некаде до кај 40-та минута од мечот кога водеа 21:19, но тоа беше нивното последно водство. Потоа правеа технички грешки и ја загубија концентрацијата, а Спортинг го контролираше мечот и откако направи серија од 4:0 одигра подобро и заслужено стигнаа до победа од 31:27.
Најефикасни ракометари во таборот на Металург беа Илиќ со 6 и Кузмановски со 5 погодоци.
За Металург ова беше последен меч на европската сцена оваа сезона, која ја завршува со само две победи, едно реми и седум порази, од кои шест по ред.