Подмладените Металурзи кои неодамна останаа и без Филип Кузмановски кој потпиша за Еурофарм Работник, заслужуваат честитки за борбената игра кај Спортинг кој беше фаворит на овој натпревар.
Одиграа фантастично прво полувреме кое заврши нерешено 13:13 и го имаа извонредниот Мартин Томовски кој блесна на голот со 10 интервенции, сите во првите 30 минути.
Избраниците на Данило Брестовац во неколку наврати имаа водство од +2, а нападот најдобро им функционираше во првите десетина минута од средбата. Имаа три прилики и за водство од три гола разлика, но не успеаа да ги искористат нападите.
Спортинг го потцени Металург, кој имаше голема желба за докажување, но во вториот дел го скрши отпорот и откако направи серија од 4:0, ја најави победата која на крај беше и убедлива со резултат 34:26.
Најефикасни во таборот на македонскиот тим беа Марио Танковски со 6 и Мартин Серафимов со 5 гола.
Во второ коло Металурзите го пречекуваат Бешикташ кој гостува во Скопје на 23 септември.