Металург го доби посакуваниот противник

Во конкуренција на Загреб, Веспрем и Копенхаген, ракометарите на Металург за противник во осминафиналето од Лигата на шампиони го добија шампионот на Хрватска.

Желбата на Металург се исполни. Избегнат е Копенхаген во осминафиналето од ракометната Лигата на шампиони. Македонскиот шампион во Топ 16 нокаут фазата од најелитното европско ракометно натпреварување ја доби екипата на Загреб Кроација Осигурање.

Овие две екипи веќе еднаш се сретнаа оваа сезона. Во рамките на регионалната СЕХА лига, Металург и Загреб во Скопје ремизираа со 19:19.

Екипата на Металург ќе биде домаќин на првиот натпревар од осминафиналето и овој дуел најверојатно ќе се одигра на 18 март. Интересно е што според распоредот на СЕХА лигата, двете екипи треба повторно да се сретнат на 14 март во натпревар од последното 20-то коло, па во десетина дена овие две екипи ќе се сретнат три пати.

Загреб е добро познат противник. Сегашниот тренер на Металург, Лино Червар го предводеше овој тим од 2002-та до 2009-та година. Тимот на Загреб е предводен од Ивано Балиќ, како и најдобриот стрелец во Лигата на шампиони, Златко Хорват. Во тимот настапуваат и репрезентативците Копљар, Гојун, Вукиќ, Штрлек, Валчиќ...

Лига на шампиони, 1/8-финале:

Хамбург - Фуксе Берлин
Барселона - Монпеље
Атлетико Мадрид - Кадетен Шафхаузен
Кил - Висла Плок
Веспрем - Адемар Леон
Копер - Киелце
Загреб - Металург
Копенхаген - Савехоф

Првите натпревари се играат помеѓу 14 и 18 март, а реваншите на 21 и 25 март.

28 февруари 2012 - 13:42