Избраниците на Данило Брестовац ќе си заминат од Светското првенство во Египет со 5 порази и само една победа, како и со до сега најлош остварен пласман и впечаток. Влетаа во 5 до 12 на местото на Чешка и имаа само епизодна улога.
На овој последен натпревар против Белорусија на кој загубија пристојно со 30:26, можеби се прикажаа и во најдобро светло, со оглед на тоа што ова беше меч без притисок за нашите ракометари кои играа за престиж.
Македонија беше во игра 40 минути во кој одигра егал натпревар, а најдобрите минути ги имаше во првиот дел, благодарение пред сè на одличниот Лазаров кој капитенски го водеше тимот и го решеташе противникот со 6 погодоци.
Она второ грдо лице кое редовно го гледавме на овој Мундијал, нашите ракометари го имаа и на овој натпревар. Белорусија тоа го искористи и на резултат 20:20 направи серија од 4:0 која се покажа како клучна за конечниот исход кој исто така беше четири гола разлика.
И покрај тоа што македонската репрезентација покажа посериозен пристап и подобра игра кои ни даваа за право да се надеваме дека со победа ќе се збогуваме од Египет, сепак во второ полувреме повторно имаше голем пад во играта.
Кире Лазаров го заврши мечот со 7 гола и признание за најдобар играч, а добра партија одиграа и Пешевски и Кузмановски кои постигнаа по 4 погодоци.